Ограничена гаранција на Apple од една (1) година за производи од брендот на Apple
ПРАВО ЗА ЗАШТИТА НА ПОТРОШУВАЧИ
Едногодишната ограничена гаранција на Apple е доброволна гаранција на производителот. Таа обезбедува права кои се засебни од правата што се предвидени со прописите за заштита на потрошувачи, вклучително и, но без ограничување на, права што се однесуваат на несообразни производи.
Затоа, погодностите од eдногодишната ограничена гаранција на Apple претставуваат дополнување, а не замена на правата предвидени со прописите за заштита
на потрошувачи.
Потрошувачите имаат право да избираат дали ќе бараат сервис според eдногодишната ограничена гаранција на Apple или според нивните права што произлегуваат од прописите за заштита на потрошувачи.
Важно: Условите и правилата на едногодишната ограничена гаранција на Apple не се применуваат на побарувања по основ на прописите за заштита на потрошувачи.
За дополнителни информации за правото за заштита на потрошувачи, посетете ја
веб-страницата на Apple (http://www.apple.com/legal/warranty/statutoryrights.html) или стапете во контакт со вашата локална организација за заштита на потрошувачи.
ШТО ОПФАЌА ОВАА ГАРАНЦИЈА?
Apple Distribution International of Hollyhill Industrial Estate Hollyhill, Cork, Republic of Ireland (или неговиот правен следбеник) („Apple“) гарантира дека хардверските производи и додатоци со брендот на Apple што се содржани во оригиналното пакување („Производ на Apple“) немаат дефекти во материјалите и изработката кога се користат во согласност со Упатствата за корисници на Apple, техничките спецификации и други објавени насоки за производи на Apple во период од ЕДНА (1) ГОДИНА од датумот на првичното купување во малопродажба од страна на купувачот краен корисник („Гарантен период“). Вие ќе можете да ги користите погодностите кои произлегуваат од Едногодишната ограничена гаранција за вашиот производ на Apple преку локалните сервиси на Apple во повеќето делови од светот (погледнете го делот „Како да добиете сервис согласно гаранцијата“). Во случај на каков било дефект во материјалите и изработката, вие ќе можете директно да ги доставите вашите жалби барања до Apple, дури и во ситуации кога вашиот производ на Apple сте го купиле од трета страна.
Напомена: Сите побарувања истакнати по основ на Едногодишната ограничена гаранција на Apple ќе се уредат според условите наведени во овој документ
за гаранција.
Покрај тоа, Apple ќе ви обезбеди пристап и до телефонска техничка поддршка за период од деведесет (90) дена од испораката на производите на Apple.
ШТО НЕ Е ПОКРИЕНО СО ОВАА ГАРАНЦИЈА?
Оваа гаранција не се однесува на хардверски производи што не се од брендот на Apple или каков било софтвер, дури и тогаш кога истите се спакувани или се продаваат заедно со хардверот на Apple.
Производите кои не се од брендот на Apple може да бидат придружени со гаранцијата на производителот, која обезбедува погодности кои се надополнување на правата согласно прописите за заштита на потрошувачи - проверете го пакувањето на вашиот производ и литературата за повеќе детали.
Погледнете го договорот за лиценцирање кој е приложен кон софтверот за информации за вашите права во однос на користењето на софтверот.
Опциите за сервис може да се ограничени доколку барате сервис во земја различна од земјата во која сте го купиле производот на Apple. Во случај кога сервис за производот на Apple не е достапен во таа земја, Apple ќе ве извести за сите дополнителни надоместоци за транспорт и ракување што можат да ви ги наплатат пред да ви го обезбеди сервисот.
Кога контактирате со Apple преку телефон, може да ви бидат наплатени надоместоци за повикот во зависност од вашата локација. Контактирајте со вашиот мрежен оператор за повеќе детали.
Оваа гаранција не покрива: (a) потрошни делови, какви што се батерии или заштитни футроли кои се дизајнирани да се истрошат со тек на време, освен ако настане грешка како резултат на дефект во материјалите или изработката; (б) козметичко оштетување, вклучително и гребнатини, набиени делови и скршена пластика на портите; (в) оштетување предизвикано од користење со друг производ;
(г) оштетување предизвикано од несреќен случај, злоупотреба, погрешна употреба, контакт со течност, оган, земјотрес или друга надворешна причина; (д) оштетување предизвикано од ракување со производот на Apple спротивно на упатството за корисници, техничките спецификации или другите објавени насоки за производи на Apple; (ѓ) оштетување предизвикано од сервисирање (вклучително и надградби и експанзии) изведено од лице кое не е застапник на Apple или на oвластен давател на услуги на Apple (“AASP”); (е) производ на Apple кој е изменет за да се промени неговата функционалност или способност без писмена дозвола од Apple; (ж) дефекти предизвикани од нормална употреба и трошење или друго како резултат на нормално стареење на производот на Apple; или (з) доколку кој било сериски број е отстранет или замачкан од производот на Apple, или (ѕ) доколку производот е украден или Apple со причина верува дека производот е украден врз основа на информација од властите за спроведување на законот.
ВАЖНО ОГРАНИЧУВАЊЕ НА СЕРВИС ЗА iPHONE и iPAD
Apple може да го ограничи сервисот согласно гаранцијата за iPhone и iPad на земјата каде Apple или неговите Овластени препродавачи првично го продале производот на Apple. Само Apple или Овластен давател на услуги на Apple (AASP) можат да вршат сервисирање на iPhone или iPad производи.
ВАШИ ОДГОВОРНОСТИ
ДОКОЛКУ ВАШИОТ ПРОИЗВОД НА APPLE МОЖЕ ДА СКЛАДИРА СОФТВЕРСКИ ПРОГРАМИ, ПОДАТОЦИ И ДРУГИ ИНФОРМАЦИИ, ТРЕБА ПЕРИОДИЧНО ДА ПРАВИТЕ РЕЗЕРВНИ КОПИИ НА ИНФОРМАЦИИТЕ СОДРЖАНИ ВО МЕДИУМИТЕ ЗА СКЛАДИРАЊЕ НА ВАШИОТ ПРОИЗВОД НА APPLE ЗА ДА ГИ ЗАШТИТИТЕ СОДРЖИНИТЕ И КАКО ЕДЕН ВИД НА МЕРКА НА ПРЕТПАЗЛИВОСТ ВО СЛУЧАЈ НА МОЖНИ ОПЕРАТИВНИ ГРЕШКИ.
Пред да го донесете вашиот производ на Apple за сервис согласно гаранцијата, треба да направите посебна резервна копија на содржините во неговите медиуми за складирање, да ги отстраните сите лични информации и да ги исклучите сите безбедносни лозинки. Содржините во медиумите за складирање на вашиот производ на Apple може да бидат избришани, заменети и/или одново форматирани во текот на сервисирањето.
По сервисирањето согласно гаранцијата, вашиот производ на Apple или заменски производот ќе ви биде вратен како што бил оригинално конфигуриран вашиот производ на Apple при првичната продажба, заедно со применливите ажурирања. Apple може да инсталира ажурирања на системскиот софтвер како дел од сервисирањето согласно гаранцијата што ќе спречи производот на Apple да се врати во претходна верзија на системскиот софтвер. Апликации од трета страна што се инсталирани на производот на Apple може да не се компатибилни или да не функционираат на производот на Apple како резултат на ажурирањето на системскиот софтвер. Вие ќе бидете одговорни за повторно инсталирање на сите други софтверски програми, податоци и информации. Враќањето и повторното инсталирање на други софтверски програми, податоци и информации не се покриени со оваа гаранција.
Можете да побарате сервис во земјата која не е земјата од каде сте го купиле производот на Apple и во тој случај ќе треба да постапувате според сите применливи закони и прописи за увоз и извоз и ќе бидете одговорни за сите царински давачки, ДДВ и други поврзани даноци и трошоци.
Важно: Не отворајте го производот на Apple освен ако тоа не е опишано во Упатството за корисници. Отворањето на производот на Apple може да предизвика штета што не е покриена со оваа гаранција.
ШТО ЌЕ НАПРАВИ APPLE ВО СЛУЧАЈ НА БАРАЊЕ ПО ГАРАНЦИЈАТА?
Доколку поднесете важечка жалба во рамките на оваа гаранција, Apple по свој избор ќе го направи следното:
(i) ќе го поправи производот на Apple користејќи нови или претходно користени делови кои се еквивалентни на новите според перформансите и сигурноста, или
(ii) ќе го замени производот на Apple со производ кој е најмалку еквивалентно функционален како производот на Apple и истиот е составен од нови и/или претходно користени делови што се еквивалентни на новите според перформансите и сигурноста, или
(iii) ќе ви ги врати парите а за возврат ќе го вратите вашиот производ на Apple.
Kога одреден производ или дел се заменува или се враќаат парите, секој производ што се користи како замена станува ваша сопственост, а заменетиот или вратениот производ станува сопственост на Apple.
За заменскиот дел или производ или поправен производ на Apple продолжува да важи преостанатиот период од гаранција на оригиналниот производ на Apple или деведесет
(90) дена од датумот на замената или поправката, односно она кое што обезбедува подолга покриеност за вас.
За сервис што се бара во земја која не е земјата од каде што е купен производот на Apple, Apple може да ги поправи или замени производите и деловите со слични производи и делови кои одговараат на локалните стандарди.
КАКО ДА ДОБИЕТЕ СЕРВИС СОГЛАСНО ГАРАНЦИЈАТА?
Пристапете и прегледајте ги следните содржини за помош на интернет пред да побарате сервис под гаранција:
Информации за меѓународна поддршка
http://www.apple.com/support/country
Овластени даватели на услуги на Apple, Овластени препродавачи на Apple и Продавници на мало на Apple
http://support.apple.com/kb/HT1434
Поддршка и услуги на Apple
http://www.apple.com/support/contact/phone_contacts.html
Бесплатна поддршка од Apple
http://www.apple.com/support/country/index.html?dest=complimentary
Доколку немате пристап до интернет или производот на Apple не функционира правилно и покрај користењето на овие ресурси, стапете во контакт со претставник на Apple или, доколку е применливо со продавница на мало на Apple („Apple Retail“) или со AASP, користејќи ги информациите наведени погоре и тие ќе ви помогнат да утврдите дали на вашиот производ на Apple му треба сервисирање и, доколку е така, ќе ве информираат кои опции за сервис согласно гаранцијата наведени подолу ќе ги обезбеди Apple.
Пред да добиете сервис согласно гаранцијата, Apple или неговите агенти можат да побараат да доставите докази за купувањето, да одговорите на прашања кои се дизајнирани со цел да помогнат при откривањето на потенцијалните проблеми и да ги следите процедурите на Apple за добивање на сервис согласно гаранцијата, како на пример, следење на упатствата за пакување и транспортирање на производи на Apple кога добивате сервис со враќање по пошта, што е опишан подолу.
ОПЦИИ ЗА СЕРВИС СОГЛАСНО ГАРАНЦИЈАТА
Apple, по свој избор, а во зависност од индивидуалните околности и особено од видот на производот на Apple, ќе обезбеди сервис согласно гаранцијата преку една или неколку од следните опции:
(i) Сервис со лично враќање. Apple може да побара да го вратите вашиот производ на Apple во продавница за малопродажба на Apple или локација на овластен давател на услуги на Apple кој нуди сервис со лично враќање. Вашиот производ на Apple може да биде испратен до сервис за поправки на Apple ("ARS") за да биде сервисиран. Откако ќе бидете известени дека сервисирањето е завршено, вам навремено ќе ви биде вратен производот на Apple од продавница за малопродажбата на Apple или од овластениот давател на услуги на Apple (AASP) или пак производот на Apple ќе биде испратен директно до вашата локација од локацијата на сервисот за поправки на Apple (ARS).
(ii) Сервис со враќање по пошта. Доколку Apple одлучи да обезбеди сервисирање преку неговиот сервис со враќање по пошта, Apple ќе ви ги испрати однапред платените товарни листови и доколку е применливо, материјал за пакување, за да можете да го испратите вашиот производ на Apple до локацијата на сервисот за поправки на Apple (ARS) или овластениот давател на услуги на Apple (AASP) во согласност со упатствата на Apple. По завршувањето на сервисот, сервисот за поправки (ARS) или овластениот давател на услуги на Apple (AASP) ќе ви го врати производот на Apple. Apple ќе ги плати транспортните трошоци до и од вашата локација доколку се почитувани сите упатства.
(iii) Сервис за делови „направи сам“ (“DIY”). Во рамките на сервисот за делови „направи сам“, Apple ќе ви обезбеди замена на производот или делови и додатоци за производот што лесно се заменуваат, како на пример, глувче или тастатура, кои можат да се заменат без користење на алати. Напомена: Apple не е одговорен за трошоци за работна рака кои може да настанат во врска со сервисот за делови „направи сам“. Доколку ви е потребна дополнителна помош при замената, стапете во контакт со Apple на телефонскиот број наведен подолу или посетете продавница за малопродажба на Apple или овластен давател на услуги на Apple (AASP). Доколку Apple одлучи да обезбеди сервис преку сервисот „направи сам“, ќе се применува следниот процес:
(а) Сервисирање кога Apple бара враќање на заменетиот производ, дел или додаток: Apple може да побара авторизација на кредитна картичка како обезбедување за малопродажната цена на заменетиот производ, дел или додаток и применливите транспортни трошоци. Apple ќе ви испрати заменски производ, дел или додаток со упатства за замена, доколку е применливо, и секакви други услови за враќање на заменетиот производ или дел. Доколку ги следите упатствата, Apple ќе ја откаже авторизацијата на кредитната картичка, така што нема да ви биде наплатено за производот или делот и транспортот до и од вашата локација. Доколку не го вратите заменетиот производ, дел или додаток според упатствата или пак вратите заменет производ, дел или додаток за кој не може да даде сервис, Apple ќе ја наплати авторизираната сума од вашата кредитна картичка. Доколку не сте во можност да обезбедите авторизација на кредитна картичка, сервисот може да не ви биде достапен и Apple ќе ви понуди алтернативни аранжмани за сервис.
(b) Сервисирање кога Apple не бара враќање на заменетиот производ, дел или додаток: Apple ќе ви испрати бесплатно заменски производ, дел или додаток со упатства за инсталација, доколку е применливо, и секакви други услови за располагање со заменетиот производ, дел или додаток.
ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ОДГОВОРНОСТ
(i) Целиот договор:
Освен правата коишто ви следуваат согласно правото за заштита на потрошувачи како што е наведено на почетокот на овој документ, сите гаранции, услови и други правила што не се наведени во овој документ за гаранција се исклучени од Едногодишната ограничена гаранција на Apple. Одредени земји не дозволуваат ограничувања на траењето на гаранциите, условите и/или имплицитните одредби, така што ограничувањата опишани погоре може да не важат за вас.
(ii) Оградување во однос на податоците:
Apple не гарантира, изјавува или презема одговорност дека ќе биде во можност да поправи или замени кој било производ на Apple во рамките на оваа гаранција без ризик од и/или губење на информации и/или податоци зачувани во производот на Apple.
(iii) Ограничување на одговорност:
Во никој случај Apple нема да биде одговорен за:
a. какви било загуби што не се предизвикани поради прекршување на овој документ за гаранција од наша страна;
b. какви било загуби или штети што во моментот на купувањето на вашиот производ, не можело разумно да се предвиди дека може да настанат
како резултат на прекршувањето на овој документ за гаранција од страна на Apple; или
c. загуби што се поврзани со вашиот бизнис, загуба на добивка, губење на податоци или губење на можности.
Одредбите од овој документ за гаранција не се применуваат при (i) смрт или лична повреда, (ii) измама или грубо невнимание; или (iii) измамничко погрешно претставување; или
(iv) каква било друга одговорност што не може да се ограничи или исклучи со закон.
ПРИВАТНОСТ
Apple ќе ги одржува и користи информациите на клиентите во согласност со Политиката
за заштита на приватноста на клиентите што можете да ја најдете на www.apple.com/legal/warranty/privacy.
ОПШТО
Ниту еден препродавач, агент или вработен на Apple не е овластен да врши какви било измени, проширувања или дополнувања кон оваа гаранција.
Доколку за која било одредба се најде дека е незаконска или неизвршлива, таа ќе се оддели од оваа гаранција и нема да влијае врз законитоста или извршливоста на другите одредби.
На оваа гаранција се применува и истата се толкува согласност со законите на земјата во која е купен производот на Apple.
© 2013 Apple Inc. Сите права се задржани. Apple и логото на Apple се трговски марки на Apple Inc. регистрирани во САД и други земји.
030513 EMEA VAD Universal Warranty Macedonian v1